Мерките и активностите за развој на студентскиот стандард не се доволно ефикасни и економични за да овозможат финансиска самостојност на студентските домови, се наведува во извештајот на Државниот завод за ревизија.
Се оценува дека нема воспоставен регистар на студентски домови, што неповолно влијае врз спроведувањето на постапките за сместување на студентите. Бројот на легла се намалил.
Спроведената анкета на примерок од 286 студенти, кои добиле задача да дадат оценка од 1 до 5, покажала дека исхраната во домовите е оценета со 2,6, хигиената со 2,4, условите за учење добиле оценка од 2,5. во 2022-та, од 22,6 милиони евра за подобрување на студентскиот стандард, половина од парите или над 11 милиони завршиле за студентски оброк, а 30 проценти за исплата на стипендиите.
„Ефикасност на мерките, политиките и проектите за исполнување на условите во кои функционираат студентските домови во Република Северна Македонија и развој на студентскиот стандард“ е темата на ревизијата преку која ДЗР ги нотира одговорите на прашањето „Дали надлежните институции во земјава преземаат мерки и активности за континуирано подобрување на студентскиот стандард?“.
Заклучоците во извештајот се однесува на периодот 2019-2022 година. Главните забелешки се однесуваат на лошиот стандард на студентите, намалените сместувачки капацитети во студентските домови и слабости во системот при доделувањето на стипендиите.
Така, ревизорите констатирале дека нема воспоставен регистар на студентски домови. Верификацијата што треба да ја направи Министерството за образование и наука пред започнувањето со работа на студентските домови до денот на извршувањето на ревизијата не била направена за сите државни студентски домови.