Отсуството на ефикасен и системски пристап во управувањето со работните спорови предизвикало одлив од државниот буџет од 64 милиони евра во период од пет години во С. Македонија, покажува ревизијата на успешноста на тема „Ефектите на судските постапки од работен спор врз буџетот на државата“.
Според наодите, во периодот од 2020 до 2025 година по основ на судски постапки од работен спор се исплатени вкупно 3,97 милијарди денари (64,37 милиони евра). Од овие средства, 1,92 милијарди денари или 48,39 проценти се однесуваат на камати, трошоци за парнична постапка и извршни трошоци.
Државниот завод за ревизија ја спровел ревизијата со цел да утврди дали надлежните институции воспоставиле ефикасни механизми и системи за управување со работните спорови и дали се преземаат соодветни мерки за намалување на нивните финансиски последици врз државниот буџет.
Ревизорите констатирале дека државата нема воспоставено ефикасен и системски пристап за управување со работните спорови, што резултира со континуиран раст на бројот на предмети и значителни финансиски импликации врз државниот буџет. Бројот на активни предмети се зголемил од 9.361 во 2021 година на 24.556 во 2025 година.
За потребите на ревизијата биле побарани податоци од институциите што ги застапува Државното правобранителство. Од вкупно 85 институции, податоци доставиле 69, а 12 институции известиле дека во анализираниот период немале исплати по основ на работни спорови.
Врз основа на анализираните податоци, ревизијата утврдила дека во периодот од 2020 до 2025 година се исплатени вкупно 64,37 милиони евра по основ на судски постапки од работен спор. Дури 95,36 проценти од средствата биле исплатени преку извршување, додека само 4,64 проценти по пат на доброволна исплата.
Во структурата на исплатените средства, главниот долг изнесува 2,05 милијарди денари (33,2 милиони евра) или 51,61 проценти, додека 1,92 милијарди денари (31,1 милион евра) или 48,39 проценти се однесуваат на камати, судски и извршни трошоци.
Ревизијата утврдила дека високите трошоци и штетата врз државниот буџет се последица и на сериозни слабости во системот за управување со работните спорови.
Постојната законска и подзаконска регулатива не обезбедува целосно усогласен и функционален систем. Утврдените недоречености и неусогласености овозможуваат различни толкувања и нееднаква примена на прописите, додека не постојат ниту системски механизми за анализа на причините за појава на споровите и иницирање соодветни законски измени.
Во најголем дел од институциите не е воспоставен систем за следење и анализа на причините за поведување тужби, ниту за анализа на исходот од постапките. Примената на алтернативни методи за решавање на споровите останува ограничена.