Место сите во оваа земја да се примириме, да поживееме комотно еден извесен период како вистинско, веќе заокружено мултиетничко општество, ние се обидуваме пак да ја измешаме работата. Ете и ВМРО-ДПМНЕ бара од МАНУ да ја осмисли стратегијата на земјава за следниот повеќегодишен период. Со МАНУ немаме баш добро искуство. Го имавме она неславно издание на првата македонска енциклопедија.
Пишува: Ана ПАНОВСКА
Време е полека да се одучуваме од омилената синтагма на актуелната власт од предизборието, „Влада на СДС и ДУИ“, како веќе излитена и, се разбира, совршено неатрактивна.
Непотребно вмровциве на јавните настапи си го кршат јазикот внимавајќи да не се збунат и да изговорат само дел од таа синтагма која им служи како бастун, потпирач со кој на заобиколен, посреден начин ја разгоруваат националната нетрпеливост кон Албанците.
Се разбира, во оваа стратегија ВМРО-ДПМНЕ ја опфаќа и втората најомразена структура кај населението што навива за нив – не само Албанците, туку и „комуњарите“.
ВМРО-ДПМНЕ И ВЛЕН
А што прави ВМРО-ДПМНЕ со оваа плиткоумна кованица? И на Македонците и на Албанците подмолно им сугерира дека во земјава реално постои двовластие кое набргу може да се трансформира и во формална федерализација на Македонија.
Доволно долго го слушаме тоа „СДС − ДУИ“ коешто, ми се чини, не беше само обична предизборна парола, туку смислено алиби за подоцна, кога ќе се дојде на власт, да се знае дека на граѓаните Македонци таа политика на разнебитување на државата им ја наметнал никој друг, туку „СДС“ кој со години играше со ДУИ.
Одамна имам кажано дека ВМРО-ДПМНЕ си игра играчки со државата не гледајќи дека „мечката“ веќе игра пред нивната врата. Се прави на удрено, ја врти главата да не гледа дека во следниов период државата ќе ја води „Влада на ВМРО-ДПМНЕ и Влен“.
Како? Рано е да се каже, но сите изгледи се дека оваа влада ќе функционира како владата на Цветковиќ–Мачек во времето на кралска Југославија. Ние повозрасните што учевме историја во бившата југословенска федерација знаевме дека таа влада траела околу една и пол година.
Колку ќе трае оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ и Влен ќе видиме. Влен си почна со трасирањето на својата „великокосовска стратегија“ преку плановите за формирање на „Академија на науките и уметностите на Албанците“ во Македонија!
АКАДЕМЦИ
Се обидувам да ја оправдам нивната потреба како нов политички субјект да се наметнат кај албанското население во земјава и да го истиснат ДУИ кој за овдешните Албанците сѐ уште претставува „национален“ фактор број еден со оглед на тоа дека токму ДУИ со неговите вооружени формации го изнуди Охридскиот рамковен договор на кој сега се возат сите партии на Албанците во Македонија.
Таа реална, јака придобивка на ДУИ за албанското население, од која потоа произлегоа низата привилегии околу рамноправноста на етничките заедници, Влен тешко дека ќе може да ја замагли со прашината што ја крева околу „Албанската академија“.
Место сите во оваа земја да се примириме, да поживееме комотно еден извесен период како вистинско, веќе заокружено мултиетничко општество, ние се обидуваме пак да ја измешаме работата. Ете и ВМРО-ДПМНЕ бара од МАНУ да ја осмисли стратегијата на земјава за следниот повеќегодишен период. Со МАНУ немаме баш добро искуство.
Го имавме она неславно издание на првата македонска енциклопедија со која се направи крш во јавноста, пред сѐ во меѓуетничките односи, но и кај македонската интелигенција која се вознемири од политиканството на тогашната политичка номенклатура под чие покровителство се одвиваше тој проект.
Не знам што се фатиле овие од Владата за академициве, сегашни или идни, Македонци, Албанци, сеедно. Божем тие ќе ги спасат од гневот на граѓаните ако набргу не се фатат со нивните реални проблеми. И ВМРО-ДПМНЕ И Влен имаат толку многу работа, најобична, секојдневна, не некоја возвишена.
Имаат задача – граѓаните на оваа наша Македонија да осетат како изгледа добар, безбеден, спокоен, среден живот – да осетат што е тоа стандард! Ова можеби звучи изветвено, ама во тоа е суштината!