Се зголемува стапката на ДДВ од 5% на 10% на производи за исхрана коишто не се дел од основните производи за исхрана, се зголемува даночната стапка за прометот и увозот на пелети, печки на пелети и котли на пелети од повластена даночна 5% на редовната стапка од 18%.
Ова се дел од измените кои се предвидени во Предлог законот за измена и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност кој беше донесен на вчерашната владина седница на предлог на Министерството за финансии.
Ќе поевтинат само хигиенските влошки и ќе се намали даночната стапка за дигиталните учебници.
Законите, меѓу кои законот за ДДВ и законот за данокот на солидарност, коишто беа повлечените од Собранието, Владата сега ќе ги носи по брза постапка, со европско знаменце.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да ги поддржи законите за данокот на солидарност, за ДДВ и за добивка, кои како што е најавено, ќе се носат со европско знаменце. Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција истакна дека тие ќе ги искористат сите деловнички можности за да ги разубедат колегите пратеници преку јавна и стручна расправа со сите заинтересирани страни дека со овие закони штетата по македонската економија и животниот стандард на македонските граѓани е огромна.
Со трите европски закони, како што вели тој, се најавува даночна реформа која што е во спротивност со интересите на граѓаните и стопанството. Според Стојановски ДДВ за храната не треба да има, ДДВ-то на струјата да биде пет проценти се додека инфлацијата не се врати во нормала. Вели дека треба да се очекува зголемување на ДДВ-то за 10 отсто за одредени прехрамбени производи. Со законот за ДДВ, посочува тој, ќе се зголеми и цената на пелетите кои ќе се даночат со стапка од 18 отсто наместо сегашните пет.
-Со данокот на добивка се уништува спортот со укинувањето на спортските ваучери. Дополнително, покрај постојните казнени одредби од законот за данок на добивка, УЈП ќе има можност и за дополнителни пенали за фирмите кои ќе бидат петкратно поголеми од износот на инвестициите за кои инспекторот ќе смета дека се непотребни, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Со третиот закон што се однесува на данокот на солидарност, власта бара компаниите да се солидарни, а во исто време немилосрдно троши, нема фискална консолидација и се бори со сивата економија само на хартија.