Во тек на вчерашниот ден, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски беше во Кавадарци на промоција на кандидатот за градоначалник на Кавадарци на коалицијата предводена од СДСМ Горан Тодоров. Тој истакна дека со Тодоров во Кавадарци излегуваат со најдобрата понуда за општината која ќе обезбеди напредок и развој.
-Бидете сигурни дека СДСМ победува во најголем дел од општините, победува и овде во Кавадарци со Горан Тодоров – порача Спасовски.
Кандидатот за градоначалник, Тодоров, пак му се заблагодари на семејството, партиските другари и сограѓаните за поддршката.
-Во Кавадарци Владата на СДСМ во изминативе четири години инвестираше 5,7 милиони евра. Во мој мандат овие средства ќе бидат најмалку двојно повеќе. Имам во план да реализираме голем број на политики, проекти и мерки со кои ќе го подобриме стандардот и животот на секој граѓанин- истакна тој.
По промоцијата на кандидатот, Спасовски се дружеше со сопартијците во градот, кои споделуваа фотографии од средбата на социјалните мрежи.
Противкандидат на Тодоров е актуелниот градоначалник Митко Јанчев од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Според резултатите од направено истражување на МЦМС, кои беа објавени во април годинава, тројца најдобри градоначалници се Митко Јанчев – Кавадарци, Арбен Таравари – Гостивар и Максим Димитриевски – Куманово. За нив се изјасниле 10,5 отсто, 7,5 отсто односно 6,8 отсто од испитаниците.
Вики Клинчарова