Двојните избори ќе чинат 17 милиони евра – над 10 милиони се за политичко рекламирање

by fokus

Двојните избори кои ќе се спроведат во април и мај државата ќе ја чинат речиси 17 милиони евра, соопшти потпретседателката на Државната изборна комисија (ДИК), Дитмире Шеху на денешната 73 седница, на која се изгласаа вкупно 22 точки на дневниот ред.

Шеху на денешната седница образложи дека над шест милиони евра ќе одат за организирање на изборите, со обезбедување на доверлив и недоверлив материјал, транспорт, паричен надоместок за избирачките органи, односно на членовите на општинските изборни комисии, избирачките одбори, додека за платено политичко рекламирање за двојните избори се предвидени 656 милиони денари или над 10.614.000 евра.

– Ќе наведам колку средства ќе бидат потрошени за парламентарни и претседателски избори, бидејќи за претседателски избори ќе се користат повеќе средства во делот на платено политичко рекламирање, затоа што во првиот круг за претседателски избори на сите учесници во изборите им следува по две евра за запишан избирач, уште еднаш да повторам на запишан избирач на избирачкиот список. Исто така и по едно евро на кандидатите кои ќе бидат во вториот круг, исто така на запишан избирач.

Додека за парламентарните избори по две евра на сите учесници во избори, исто така на запишан избирач. Тука само да наведам дека од вкупните средства ги баравме од Министерството за финансии, сите средства ни се дадени, само во делот ни недостасуваат во платено политичко рекламирање, каде со самиот Министер за финансии се договоривме дека овие средства ќе ги надополнат, подоцна, бидејќи средствата за платено политичко рекламирање се плаќаат 30 дена по конечноста на резултатите, ова нема да влијае и нема да имаме проблеми во текот на организирањето на изборите, вели Шеху.

Таа истакна дека колку финансиски средства побарале, толку им се одобрени за организирање на претседателските и парламентарни избори. Членовите на Државната изборна комисија на денешната 73 седница сите 21 Предлог одлука или план кои се поврзани со организирање на двојните избори ги донесоа едногласно.

 

Поврзани новости