Министерот за здравство Никола Тодоров повторно ја разбранува лекарската фела со нови драконски казни, кои се спроведуваат преку новите измени во Законот за здравствена заштита. Досега, првиот човек во здравството неколку пати најави, дека ако лекар задоцни на „Мој термин“, а пациентот чека 15 минути, веднаш се формира дисциплинска комисија, која одлучува дали лекарот ќе биде казнет парично или со отказ.
Но, тоа не е се. По директен налог на министерот, околу 1.000 лекари – специјалисти мора да одат на обука во странство, во спротивно ќе следуваат драконски казни и назадување во работата. Со измените во Законот за здравствствена заштита се предвидува дека, секој доктор е должен да оди на обука. Ако случајно одбие, тогаш ќе се соочи со казна од 5.000 до 7.000 евра. Според законот, откако докторот ќе отиде на доусовршување, после тоа потпишува договор, дека во наредните три години нема да го напушти јавното здравство. Доколку се случи да си замине порано од тие три години, тогаш е должен да врати вртоглави 25.000 евра.
Казните зачестија и удрија по грбот на лекарите, откако на министерското столче седна Тодоров. Двојните аршини на министерот излегоа на виделина. Дали сите лекари се казнуваат според заслугата? Првиот човек во здравството тврди дека ова се прави за доброто и правата на пациентите. Па, тогаш останува нејасно со какви казни се соочуваат лекарите, ако направат комлицирани операции, ако оштетат вид….
„Фокус“ пред повеќе од една година го објави скандалот „Перде“ во кој очна лекарка од Градската болница „8 Септември“ го оштети видот на околу 50 пациенти. За целиот случај, под притисок на јавноста беше формирана Комисија за стручен надзор, која скоро една година „истражуваше“. Откако, комисијата излезе со одлука дека лекарката направила комплицирани операции, директорот на болницата Сашо Стојчев одлучи да ја суспендира и да и забрани да прави ласерски операции на перде.
Но, за таа цел, очната лекарка доби известување од ресорното министерство да избере, каде ќе оди на обука за да ја доусоврши методата. Нејзиниот избор беше Бугарија. Остануваат нејасни прашањата, како е можно ако лекар задоцни на „Мој термин“ да следуваат толку високи казни, а ако лекар оштети вид на пациенти да добие „награда“, обука во странство? Кој ќе сноси одговорност што очната лекарка речиси три години оперира по новата метода, за која, како што се наведува во заклучокот, не е стручна?