Двојниот убиец од Црна Гора веќе 17 дена е во бегство

by Fokus

Потрагата по двојниот убиец од Црна Гора – Алија Балијагиќ трае веќе 17 дена, а според последните информации тој се вратил во Црна Гора каде бил виден во селото Обраде, но припадници на војската и полицијата не успеаја да го фатат, пишува српски Телеграф.

Балијагиќ е осомничен за убиство на две лица во селото Соколац. Црногорската полиција соопшти дека тој преминал во Србија, но ниту српската полиција, ниту жандармеријата не успеале да го фатат.

Криминологот Добривоје Радовановиќ вели дека потрагата е под влијание на областа каде што се крие Балијагиќ. И од српска и од црногорска страна, теренот за кој станува збор е непристапен, што му дава повеќе простор за криење.

„Доволно е да ползиш некаде на таков терен, да се покриеш со нешто и да поминеш. Ниту сензорите на авионите и дроновите не реагираат таму. Ако често го менува местото, тогаш е двојно потешко да го најдеш. Тоа е прилично голема површина, а тој го знае секое стапало на тоа поле“, рече Радовановиќ.

Тој додава дека постуденото време најверојатно ќе му го отежне бегството и криењето на Балијагиќ.

„Ќе падне кога ќе престане да наоѓа храна, кога ќе треба да дојде во селото, а мештаните од страв не го примаат, ниту му даваат храна и викаат полиција, доаѓа зима и потрагата ќе биде полесна. Условите во кои ќе се наоѓа Балијагиќ се потешки, а доколку падне снег, трагите би можеле да го откријат“ додаде тој.

По опсежната потрага по Балијагиќ во планинските села лоцирани на непристапен терен и во близина на границата со Црна Гора, тој вечерва повторно е забележан во селото Обарде, каде војската и полицијата е со денови.

Поврзани новости