Град Скопје планира да го модернизира јавниот градски превоз, како една од мерките во борбата против загадувањето. Автобусите кои гравитираат на скопските улици, велат од таму, во просек се стари од шест до 30 години. Проблемот е во тоа што голем број се стари дизел автобуси кои според ЕУРО стандардите се едни од поголемите загадувачи на воздухот.
„Во Скопје, во текот на еден работен ден со редовен возен ред и согласно на мрежата на линии во градскиот превоз се ангажирани просечно 433 возила. Голем број од ангажираните возила се стари дизел автобуси. Планираме да ја намалиме употребата на постојните стари дизел-автобуси и да ја замениме со употреба на еко-автобуси на гас“, велат од Градот.
За таа цел Јавното сообраќајно претпријатие во текот на годинава ќе добие субвенции од Градот во износ од 100 милиони денари за набавка на еко автобуси. Градот ќе ги субвенционира и приватните превозници со 20 милиони денари за инсталирање на уреди на гас и купување на автобуси со ЕУРО 5 И ЕУРО 6-стандарди.
„Субвенциите се дел од мерките за намалување на емисијата штетни гасови и за подобрување на услугите на јавниот превоз. Во иднина ќе се купуваат дводелни автобуси, кои ќе имаат поголем капацитет на патници. Автобусите кои се наменети и за ЈСП и за приватните превозници се размислува да бидат на гас или да ги задоволуваат ЕУРО5 и ЕУРО6 стандардите“, посочуваат од таму.
Од Градот се надеваат дека модернизацијата на јавниот превоз значително ќе придонесе во намалувањето на загадувањето на воздухот. Целта е, велат, наредната зима во Скопје да има превозници кои ќе користат автобуси кои нема, или кои помалку ќе го загадуваат воздухот.
„Новата градска администрација покажа голем интерес и мотивација за решавање на деценискиот проблем на граѓаните со загадувањето. Судејќи по досегашните заложби во првите 100 дена, постои голема веројатност дека модернизацијата на јавниот градски превоз ќе биде ставена на листата на приоритети на Градот. Модернизацијата планирано е да се одвива во континуитет имајќи предвид дека не е доволна само една мерка за да се решат со години наталожените проблеми во јавниот градски превоз, велат од градската самоуправа.