Двете деца што починале на Детска клиника имале енцефалитис, воспаление на мозокот

by Fokus

Двете деца што починале на скопската Детска клиника имале енцефалитис, односно воспаление на мозокот, а на клиниката биле хоспитализирани во многу тешка состојба, објаснува за „Фокус“ директорката Аспазија Софијанова.

Едно од децата е тригодишно момче од Кичево кое на клиниката било примено на 30 декември во многу тешка состојба со грчеви и температура над 40 степени. Тоа било со посебни потреби, а пред да биде донесено на Детска клиника болнички било лекувано во „Св. Еразмо“ во Охрид. На клиниката лежело пет дена и починало на 5 јануари.   Другото дете е четиригодишно девојче од Гостивар, кое исто така било со посебни потреби и починало на 4 јануари, а на клиниката престојувало само 24 часа.

– Двете дечиња на клиниката беа донесени во многу тешка состојба. Тие имале грип, кој подоцна мутирал и го зафатил централниот нервен систем – истакна Софијанова.

Филип Дума, лекар на Клиниката за детски болести истакна дека годинава имале повеќе деца со енцефалит, од кои две починале.

Беа примени во многу тешка состојба, префрлени на интензивна нега, дадена им беше потребната терапија – објасни Дума.

И.М.

Поврзани новости