Од МВР информираат за два речиси идентични случаи на измама, при што две скоојанки биле оштетени за вкупно 14.000 евра.
-На 14.08.2024 во 15.20 часот во СВР Скопје, 86 – годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 10.000 евра. Според пријавеното, лицето ја контактирало телефонски, се претставило како полициски службеник и ѝ кажало дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа со смртни последици и дека е потребно да плати за да ја ослободат од полиција во Црна Гора.
Како што е пријавено, таа ги подигнала парите од банка и ги оставила на местото каде што ѝ кажало лицето. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР.
Оттаму информираат и за втор ваков случај.
-На 14.08.2024 во 09.31 часот во СВР Скопје, 87 – годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена од едно лице за сума од околу 280.000 денари. Според пријавеното, лицето ја контактирало телефонски и ѝ кажало дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа со смртни последици и дека е потребно да плати за да биде ослободена. Како што е пријавено, таа ги подигнала парите од банка и од тераса му го фрлила пликот со пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР.