Демиркапијката Милка Чалова (75) која излегла од својот дом на 24-ти јануари, се уште се води како исчезнато лице и не е пронајдена. Веќе две седмици трае потрагата по жената која немала сериозни здравствени проблеми, и како што за ,,Фокус” раскажа нејзиниот син Младен, се напила кафе со неговата сопруга и излегла од дома околу 16 часот.
Појасни дека пред да исчезне се однесувала најнормално и ништо не укажувало дека таа може да замине од домот и да го остави семејството без одговори. Инаку, Милка се движела со помош на штака, па според тоа синот претпоставува дека не може да е некаде далеку, и минатата недела тој организирал потраги заедно со негови пријатели.
Откри дека ташна за која се претпоставува дека е на мајка му, била пронајдена во близина на реката Вардар, на околу два километри од нивниот дом. Внатре во ташната имало само една празна ќеса. Исто така, кажа дека мајка му била забележана од сограѓани во близина на бензинската станица Макпетрол, истиот ден кога исчезнала, околу 18 часот.
Апелираше во потрагата да се вклучат што е можно повеќе стручни лица. Од СВР Велес за ,,Фокус” потврдија дека потрагата по жената се уште трае. Биле вклучени стручни екипи, но деновиве и тим на нуркачи го проверувал речното корито на Вардар.
Вики Клинчарова