Се прави комплетна обработка за да се докаже дали несаканата реакција, нека е тоа и смртен случај е навистина поврзана со употребата на вакцините против Ковид-19. Двете пријави кои сме ги имале во април и во септември, а се од страна на лекари, се за 85-годишен и за 53-годишен, но се уште не е докажана поврзаност со употребата на вакцините, истакна раководителката на сектор во Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Мерјем Хаџихамза на денешната онлајн средба со новинарите на која учествуваше и в.д. директорот на МАЛМЕД, Љирим Шабани.
Таа појасни дека пријавите освен во Упсала мониторинг центарот, испратени се и во Институтот за јавно здравје, каде се прави таа натамошна обработка.
Шабани и Хаџихамза посочија дека станува збор за сомнежи и неофицијални податоци, и нагласија дека ефектите од вакцинацијата се далеку, далеку поголеми.
– Кога еден лек во случајов вакцина ќе се употреби, ако се пријави некое несакано дејство тоа не значи дека е последична реакција од примената на вакцината. Пријавите кои доаѓаат кај нив се сомнежи за несакана реакција. Постојат голем број параметри кои треба да се испитуваат, кое било медицинското досие на пациентот, претходно од што боледувал, какви лекарства примал. За еден од пациентите гледав дека имал многу коморбидитети и лично се сомневам дека има поврзаност со употребата на вакцината, но ова е нерелевантно затоа што тоа треба да го кажат луѓето кои за тоа имаат компетенции, истакна Хаџихамза.