Две обвинителки од СЈО се понудиле да дадат исказ за „Рекет“

by fokus

Обвинителката Вилма Русковска во интервју за емисијата Код вели дека Јанева не била под ПИ мерки и оти таа лично не верува дека избегала од државава. Тука имала живот и семејство и не верува дека би го сторила тоа обвинителката, која еден ден по оставката, од 16 јули е официјално на боледување.

Две обвинителки од СЈО стапиле во контакт со Русковска. Таа појасни дека тие прашувале дали треба да дојдат во Обвинителството да дадат исказ.

Телефонот на Јанева е конфискуван заради истрагата, но се појавија информации дека таа имала и друг телефон, а Русковска вели дека додека не се утврди каде е вториот телефон не може да шпекулира за тоа.

За рекетираниот бизнисмен вели дал пари за да биде олеснета постапката против него. Боки 13 и Миле Кичеец зеле 1,5 милиони евра, засега неофицијално од бизнисменот Орце Камчев, прво зеле 500 илјади евра, стигнале до 1,5 милиони, а целта им била осум милиони евра.

-Парите се дадени заради олеснување на постапката, вели Русковска за Код, додавајќи дека случајот кај неа го пријавил лично премиерот Зоран Заев.

Тој имал средба со Русковска и јавниот обвинител Љубомир Јовески меѓу двата круга од претседателските избори заради некои одлуки за екстрадиција и на крајот од состанокот им кажал дека сака да пријави кривично дело рекет.

-Премиерот ми рече дека до него има доставено пријави и се одлучивме да почнеме од сведокот, рече Рускосвка без да споменува имиња.

Сведокот дошол лично во Обвинителството и го пријавил рекетирањето.

Истрагата за Боки 13 и Миле Кичеец е отворена во мај со сите снимени средби, а Русковска вели дека засега немаат докази дека имало уцени со снимки од бомбите.

Поврзани новости