Наместо роденденска забава, две жени од Неготино тврдат дека вчера доживеале вистинска драма, кога нивната соседка им повикала полиција на врата околу десет часот претпладне, бидејќи и сметала гласната музика.
Како што раскажуваат Марија М. (48) и Елизабета М. (46), проблемите со соседката датирале поодамна, постојано се расправале, и чести биле нејзините закани со полиција. Но, како што појаснуваат, она поради кое се решиле јавно да реагираат, била реакцијата на двајцата полициски службеници кои дошле да ги предупредат да ја исклучат музиката.
-Ние сме две цимерки и ова не е прв пат да имаме проблеми со соседката. Таа е постара жена, постојано има нешто кое и пречи кај нас. Мене завчера ми беше роденден, вечерта не го прославив, бидејќи знам дека веднаш ќе дојде да се расправа со нас ако пуштиме музика, па затоа вчера околу 10 часот претпладне со цимерката решивме да одбележиме и пуштивме музика. Очекувано, соседката веднаш почна да се расправа, и ни повика полиција. Кога дојдоа полициските службеници и ни кажаа да ја сопреме музиката, ги прашавме кој закон го кршиме, кој тоа одлучува дека ние дома не можеме да слушаме музика среде бел ден. Но, тие беа категорични, и покрај тоа што им кажав дека ми е роденден, кој намерно не го одбележав вечерта, само поради тоа што знам дека соседката ќе направи проблем и ќе ни ја уништи забавата. Во тоа убедување кој е во право, а кој не, мојата цимерка им кажа на полицајците дека нема да ја исклучи музиката, и дека тие немаат право да го бараат тоа од неа, по што тие ја завлекоа за раката. Сакав да ја одбранам, но и мене ме повлекоа за рамо. Видовме дека нема да се разбереме, немавме друго решение и ја исклучивме музиката. Цимерката на раката вчера имаше црвенило. Бевме посоветувани таа да извади лекарско уверение и да го пријавиме случајот, но не сакаме да ја правиме работата голема, туку само јавно да прашаме дали полицијата има право да дојде и да ни гаси музика среде бел ден, да ја влечи цимерката, и дали некој проверува колку е пријавата од соседката исправна? Дали смеат комшиите да ни го одредуваат животот и нашето однесување во домот? Секој може да каже дека нешто му пречи кај соседите и да повика полиција, според кои критериуми се одлучува како ќе се постапи?- прашува Марија М.
Додава дека таа и нејзината цимерка не се единствените кои имале проблем со повозрасната комшивка, и на друга соседка често и префрлала поради слушање на музика и редовно се заканувала со полиција.
-Се трудиме да имаме разбирање, стара жена е, но таа е будна уште пред пет часот наутро, ми седи пред прозорот во собата каде спијам и со нејзиниот сопруг галамат, треба ли јас да ја пријавувам на секое во полиција? Како тогаш ќе реагира полицијата на моите пријави? Ќе и забрани ли да зборува во пет наутро во дворот? Јавно го споделувам ова искуство затоа што сакам да го свртам вниманието на тоа како реагираат полициски службеници на пријави од граѓани, дали имаат основа за такви одлуки? Дали секој може да си дозволи роденден во угостителски локал, па да не смета никому, и од кога е забрането дома да се слуша гласна музика во тек на ден? Вознемирени сме од непотребната драма која се случи, од реакцијата на полицијата, апелираме до МВР да нема вакви немили настани во иднина, да се знаат кои се законските овластувања на полицијата, затоа што вака излегува дека секој може за се нешто да те пријави во полиција. Доколку од МВР не контактираат по повод настанот, ќе ја потврдиме целата приказна која сега ја споделуваме со јавноста- раскажа Марија М.
,,Фокус” се обрати за повеќе информации во врска со случајот до СВР Велес, од каде потврдија дека Е.М. била писмено предупредена по пријавата за гласна музика.
Порачаа дека доколку граѓаните сметаат дека полициските службеници постапиле непрофесионално, да поднесат претставка до Одделот за внатрешна контрола.
-На 26.07.2023 во 08.35 во СВР Велес, В.Т.(76) од Неготино пријавила дека нејзините соседи на ул. „Цандо Апаратчето“ во Неготино пуштале гласна музика. Во 10.00 часот полициски службеници од ОВР Неготино излегле на местото на настанот и писмено ја предупредиле соседката Е.М.(46). За секој случај во кој граѓаните сметаат дека полициските службеници постапиле непрофесионално, Министерството за внатрешни работи информира дека можат да поднесат претставка лично до Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди или пак преку веб страната на министерството- истакнаа од СВР Велес.
Инаку, според Закон за прекршоци против јавен ред и мир, оној кој го нарушува мирот на други со пеење, користење на музички инструменти, радио и телевизиски апарати и други технички уреди, како и со механички извори на врева (мотор и слично), во периодот од 15.00 до 18.00 часот и по 23.00 часот до 6.00 часот наутро, полицијата ќе го спречи и ќе му се изрече глоба во висина 200 до 500 евра во денарска противвредност.
Вики Клинчарова