Две малолетни деца остави зад себе 35-годишната ресенчанка која почина од последици од Ковид-19

by Fokus

Изненадени сме од смртта на 35-годишната ресенчанка, која почина во домашни услови, утрово кај четири часот. Таа беше со лесна клиничка слика, редовно следена од матичниот лекар. Официјално, во тек на утрешниот ден ќе излеземе со сите детали – во телефонски разговор за ,,Фокус” појаснува Прим. Д-р Елизабета Крстева, директорка на Центар за јавно здравје Битола.

Веста дека од последици на корона вирус денес починала 35-годишната М.Т. од Ресен ја остави јавноста во шок. Младата жена, сопруга и мајка на две малолетни деца, според информации од центарот, немала претходни заболувања.

-Пациентката поткашлувала, била со лесни симптоми, затоа и останала на домашно лекување, во постојан контакт со матичниот лекар кој ја следел нејзината состојба. Знам дека во четвртокот и бил земен брис, синоќа била повторно во контакт со матичниот. Околу четири часот утринава нагло и се влошила состојбата, по што починала дома. Тоа е се што засега можеме да кажеме, од утре ќе излеземе со подробностите околу настанот. Во Ресен нагло беа зголемени позитивните случаи во месец јули, но пред две недели веќе немаше ниту еден позитивен случај. Починатата пациентка беше изолиран случај, немаше информација од каде се инфицирала- вели Д-р Крстева.

Ресенчанката неодамна била на летување во Струга со семејството. Дали можеби од таму се заразила, и дали нејзиното семејство се тестирало, нема информација.

На 25-ти јуни, во Ресен од последици од корона вирус почина уште едно младо лице, 40-годишниот претседател на РК Преспа, Илчо Котевски. И тој исто така немал хронични заболувања и целиот живот се занимавал со спорт. Од почетокот на епидемијата во Ресен се инфицираа 147 лица.

Моментално нема ниту еден активен случај.

Вики Клинчарова

Поврзани новости