Две лица уапсени за убиство на 39-те Кинези пронајдени во камионот во Есекс

by Fokus

Две лица се уапсени под сомнение за убиство и за трговија со луѓе во врска со откривањето на 39-те тела во ладилник во камион во областа Есекс во Британија.

Се работи за маж и жена, обајцата на 38 годишна возраст, кои се приведени по налог на полицијата во Есекс.

Истражителите се уште го испрашуваат 25 годишниот возач на камионот Мо Робинсон од Северна Ирска кој исто така е осомничен за убиството.

Телата на 31 маж и осум жени за кои се вели дека биле Кинези беа пронајдени во средата во приколката – ладилник на камион во Есекс.

Во исто време и белгиското јавно обвинителство отвори истрага, бидејќи информациите се дека контејнерот преминал преку Белгија и е качен на брод во Зебруг.

Засега не е познато кога жртвите биле сместени во контејнерот или дали тоа се случило во Белгија. Британската полиција најави дека процесот на идентификација што е во тек, најверојатно ќе потрае подолго.

Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов потврди дека камионот бил регистриран во Бугарија во 2017 година, но оттогаш не влегол во земјата. Тој ја отфрли можноста дека пронајдените сега починати лица се качиле во камионот во Бугарија, но рече дека соработуваат со британските власти.

Илјадници мигранти се шверцуваат во Велика Британија секоја година со камиони, бродови, а понекогаш и со авиони. Такви случаи се пријавуваат речиси секој ден.

Амнести Интернешнл и други групи за човекови права оценуваат дека острата политика на британските власти за илегална миграција ги тера мигрантите кон се поочајни чекори за влез во земјата.

Поврзани новости