По убиството на 46-годишен жител на Арачиново утрово во казино во центарот на Скопје, полицијата успеала да уапси двајца роднини кои се поврзани со убиството и се осомничени како сторители, информира тв Телма
Според нивните информации, полицијата трага по уште едно лице од Скопје.
Првичните информации се дека во казиното рано наутро избила кавга меѓу убиениот и другата група. Била поврзана со долгови кои ги имале меѓу себе.
На крај со пиштол е убиен 46-годишниот маж. Полиција е повикана веднаш, а двајца осомничени се приведени.
„Во полиција е пријавено дека во казиното „Вин Вин“ едно лице пукало во Н.А.(46) од село Арачиново со кого претходно играле на апаратите во казиното, по што Н.А. им подлегнал на повредите“ велат од МВР.
Подетална информација дојде од Обвинителството:
„Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место во казино на улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје, каде едно лице беше лишено од живот утринава.
Според првичните сознанија, починатиот маж на возраст од 46 години, во казиното пристигнал заедно со уште три лица, во видно алкохолизирана состојба.
Извесно време играле на апаратите, а потоа жртвата започнал да се расправа и да се турка со едно од лицата со кои бил заедно во казиното.
Другите двајца се обиделе да ги раздвојат, но осомничениот извадил пиштол и неколкупати пукал во оштетениот.
Потоа со кундакот од пиштолот го удрил повеќепати во пределот на главата. Жртвата им подлегнала на повредите на лице место.
Се трага по лицето за кое постои сомнение дека го извршило убиството.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција.
Ќе се врши вештачење на траги и докази подигнати од лице место и ќе се разговара со сведоци на настанот. Обезбедени се снимки од видео надзорот на објектот“.