Град Скопје вчера поплладне објави дека мостот на булевар Беласица од денес е отворен за сообраќај само за лесни возила, односно двете крајни коловозни ленти.
Скопјани сепак не веруваат дека мостот е безбеден, ниту пак веруваат во извештајот изготвен од експертите што ги ангажираше Град Скопје. Тие на социјалните мрежи коментираа дека сепак нема да поминуваат по него и ќе забиколуваат како и досега.
-Согласно експертскиот извештај за состојбата на мостот на бул.Беласица, утврдено е дека истиот нема структурни оштетувања кои ја нарушуваат безбедноста на мостот. Од извештајот констатирано е дека има површинско напукнување на надворешниот бетонски слој во средишниот дел на едната страна на мостот, предизвикано од горењето на изолацијата на топловодните цевки на ЕСМ, кое ЕСМ ќе го санира со цел поставување нови топловодни цевки како нивна обврска за овозможување непрекинато снабдување на граѓаните на градот со топлинска енергија. објави Град Скопје.
Понатаму во информацијата од Град Скопје стои дека сообраќајот за лесни возила е отворен на двете крајни коловозни ленти, а средишни коловозни ленти ќе бидат отворени во моментот на завршување на градежните работи од страна на ЕСМ.