Било какви преправки на „францускиот предлог“, со непречено продолжување на патот кон ЕУ се измама.Освен ако не се смета на нови децении преговори. И таа вистина треба да ја знаат гласачите.
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
Како последица на пропагандна војна за власт две лаги се устоличија безмалку како вистини во македонското општество.
Прво, дека ако, во анкетите, владеачка партија има послаб резултат од опозициската, таа мора да демисионира и да закаже избори.
Второ, дека е нелегитимен новиот премиер, кој го заменил оној кој поднел оставка затоа што не поминал низ избори. Колевката на демократијата, Велика Британија, го илустрира токму спротивното.
Влада избрана на избори има мандат кој може да го заврши но може и да го прекине и да закаже предвремени избори, по сопствена волја. Кога?
Кога ќе и одговара на власта, поточно кога ќе процени дека и се наклонети избирачите. Тоа право е нејзино сѐ до датумот на регуларните избори.
Што се однесува до легитимноста на премиерот, кога би било „по наше“, би можеле га кажеме дека изминативе години Британците имаат двајца нелегитимни носители на извршната власт, Лиз Трас и сегашниот премиер Риши Сунак.
И додека во британската дебата никој не помислува да проблематизира некои аксиоми на парламентарната демократија, во нашата се е дозволено за да се оцрни противникот.
Затоа, бесмислено беше упорното инсистирање на новинарот во вчерашното интервју со премиерот да каже зошто не сака прво избори па после гласање за промена на Уставот.
Па, никој никаде, во ниту една парламентарна демократија, не ја предава власта на послужавник во момент кога јавноста не му е наклонета, зашто има право да чека поволен момент се додека тоа му го дозволува законот.
НИЕ СМЕ ЧЛЕНКА НА МЕЃУНАРОДНАТА ЗАЕДНИЦА
Но, има уште нешто што треба да се знае: само политика која го држи курсот фатен со Охридскиот, Преспанскиот и договорот со Бугарија може да се надева на непречен пат кон ЕУ.
Било какви преправки на „францускиот предлог“, со непречено продолжување на патот кон ЕУ се измама.Освен ако не се смета на нови децении преговори. И таа вистина треба да ја знаат гласачите.
На крајот. Нашата држава е членка на меѓународното општество на држави раководени од свои интереси поткрепени со моќтта која ја поседуваат.
Тој меѓународен фактор имаше важна улога во рушењето на Груевски после објавувањето на снимките кои ја разоткрија сета беда на една аздисана власт.
Не треба многу памет да се заклучи дека истиот тој фактор може да има важна улога во држењето на досегашниот курс на државата.
Тоа не ги прави западните политичари неморални. Тоа е, едноставно, така во меѓународната политика. И ова е вистина. Да се зборува поинаку е уште една лага.