Две интервенции на полициски службеници за помалку од еден час во казино во Неготино

by Fokus

Денес, во раните утрински часови, полициски службеници од ОВР Неготино имале полни раце работа и за помалку од еден час во два наврати интервенирале во казино во градот, информираат од СВР Велес.

Како што наведуваат, на 15.02.2024 во ОВР Неготино, Ј.А.(31) од Неготино пријавил дека околу 02.15 часот во казино во Неготино бил физички нападнат од Р.В.(30) од Неготино.

По документирање на настанот против Р.В. ќе биде поднесена соодветна пријава-известија од СВР Велес.

Потоа, по помалку од еден час, односно околу 02.40 часот, полициски службеници од ОВР Неготино го привеле Ј.А.(31) од Неготино.

– Лицето е приведено затоа што пред казино во Неготино го нарушило јавниот ред и мир и агресивно се однесувало кон полициски службеници кои вршеле службени дејствија. Тој бил задржан во полициска станица и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава- соопштија од СВР Велес.

Дневните билтени на МВР редовно се полни со соопштенија за нарушување на јавниот ред и мир, тепачки, а во изминативе години дури и неколку убиства во казина во земјава.

Од движењето Антикоцкање со години наназад алармираат за дислокација на казината и обожувалниците од населените места и потсетуваат дека илјадници семејства се жртви на коцкањето.

Тие денес испратија отворено писмо до претседателот Стево Пендаровски, во кое го изразуваат разочарувањето од непотпишување на указот за прогласување на измените во законот за игри на среќа.

Вики Клинчарова

Поврзани новости