Од МВР информираат дека интервенирале во два случаи кога граѓаните побарале помош поради лошите временски услови.
Информираат дека брачен пар од Крушево вчера побарал помош од полицијата, откако заглавиле во снежни наноси.
-Вчера во 16.23 часот во СВР Битола, К.Р.(22) од Скопје побарал помош затоа што заедно со неговата сопруга на патот од споменикот „Слива“ кон Крушевското езеро, со патничко возило „дачиа“ со скопски регистарски ознаки заглавиле во снежни наноси.
Полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Крушево извршиле проверки на теренот и во 16.35 часот на место викано „Тушот“ лицата биле пронајдени во добра здравствена состојба, а возилото било извлечено, информираат од полицијата.
Исто така во текот на вчерашниот ден во 15.35 часот во СВР Тетово било пријавено дека две малолетни лица од Скопје се наоѓале во објект кај ски-лифтот на Попова Шапка и поради густата магла и силен ветер не биле во можност да слезат.
Полициски службеници од Полициското одделение Попова Шапка во содејство со Ратрак излегле на местото и околу 16.20 часот малолетниците биле пронајдени, прифатени и доведени до центарот на локалитетот во добра здраствена состојба.