Општина Охрид ги подготвува двата објекти на студентскиот дом „Никола Карев“ и ученичкиот дом „Ванчо Питошески“ во градот за сместување и изолација на пациенти инфицирани со корона вирус, а се со полесна клинична слика.
Станува збор за вкупно 68 соби во двата објекти, каде веќе се спроведуваат активности за дезинфекција и подготовка за прием на заболени.
Тоа денеска го соопшти градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески кој брифираше за активностите што ги спроведува локалната власт за исполнување на препораките по ситуацијата со корона вирусот.
Во координација со Министерството за здравство, директорите на здравствените установи од градот треба да одредат која од болниците ќе биде целосно ставена на располагање за прием и лекување на тешки и средно-тешки случаи заболени со Ковид-19.
Согласно состојбата и мерките и препораките на Владата, раководството на локалната самоуправа преку Координативното тело денеска одржа неколку состаноци со раководителите на здравствените установи во градот, директорите на јавните претпријатија, претставници на матичните лекари во градот се договорени оперативни мерки со чекорите што ќе се преземаат наредниот период.
-Општина Охрид издвои 300 илјади денари за помош на лица од социјално ранливите категории кои што ќе се во изолација, за основни прехранбени продукти, средства за хигиена и лекови. Заедно со Црвениот крст формирани се мобилни тимови со задача на старите и изнемоштени лица и лицата со посебни потреби, да им излезе во пресрет за било каква помош, рече Георгиески.
Општинските служби од денеска работат со редуциран број вработени и тоа со странки единствено преку шалтерскиот систем на архивата, повлечени се вработените на паркиралиштата низ градот, а наплатата ќе се спреведува единствено по електронски пат.
На медицинските установи во градот ќе им биде доставена медицинска опрема како термометри, пулсоксиметри, спирометри, мобилни екг-апатати, апартати за мерење притисок, глукометри и стетоскопи, набавени преку проектот „Cross for all“.
Изминатиот период се спроведени целосна вонредна дезинфекција на градинките, училиштата во градот, а наскоро ќе биде спроведена дезинфекција на сите образовни установи во градот. Дезинфекција е спроведна на Градскиот пазар, улиците во градот се мијат со средства за дезинфекција, редуцирани се локалните и меѓуградските линии, а возниот ред ќе се објавува на општинската интернет-страница. Возилата на општинските линиски превозници секојдневно се дезинфицираат, возачите задолжително носат заштитни маски и ракавици, со препорака идентично да се однесуваат и такси-превозниците.
Најавено е дека состаноци на Координативното тело ќе се одржуваат секојдневно, за следење на ситуацијата на терен и преземање соодветни мерки.