Министерството за внатрешни работи соопшти дека со два хеликоптери го гаселе пожарот во реонот на Кочани во близина на Соколарци, Врбјани и Житанци во кој беше зафатена површина од 2.500 хектари.
„Одделот за воздухопловни единици денеска (15.08.2023) со два хеликоптера, Ми-171 и Бел 412, активно работеше на локализирање на пожарот во реонот на Кочани, поточно во близина на селата Соколарци, Врбјани и Жиганци, во кој беше зафатена површина од околу 2500 хектари, претежно нискостеблеста шума и ливади, во понискиот дел од теренот, а постоеше опасност од пожарот да бидат зафатени куќи и бачила, кои се наоѓаа во непосредна близина на линијата на пожарот“, соопштија од МВР.
Од полицијата велат дека почнувајќи од 16 часот, хеликоптерот Ми-171 од Хеликоптерската единица за посебни намени во 15 наврати исфрлил повеќе од 38 тони вода, а хеликоптерот Бел 412 од Хеликоптерската единица за полициски работи во 17 наврати исфрли 18 тони вода.
„Во координација со противпожарните служби, останатите служби на терен и воздухопловите на Дирекцијата за заштита и спасување успешно беше спречено ширење на пожарот кон населените места и бачилата кои ги делеа само неколку метри од линијата на пожарот“, соопштија од МВР.