Девет лекари и медицински сестри и тројца техничари од Општата болница во Струмица моментално се во изолација откако било потврдено дека се позитивни на коронавирусот. Заради тоа неизвесно е кога ќе биде отворен дополнителниот оддел за прием на ковид-пациенти во новото болничко крило.
Ова го соопшти директорот на болницата, д-р Наќе Гогов, кој информира дека дел од заболениот медицински персонал имаат полесна клиничка слика, а дел се асимптоматски.
-Тоа ни го отежнува и вкупното работење на болницата, а почнувањето со работа на новиот оддел ќе зависи од расположивиот персонал. Треба да ни дозволат да направиме прием на персонал, сестри и лекари, за да може некој да работи таму, рече директорот Гогов.
Во Струмичката болница моментно се лекуваат 100 пациенти, од кои 45 се хоспитализирани, а останатите 55 се лекуваат со примање терапија во дневната болница.
Според вчерашните податоци, во струмичкиот регион има 586 активни случаи на Ковид-19 дијагностицирани, а завчера беа регистрирани шест смртни случаи во едно деноноќие.