Руски крстосувачки ракети денеска ги погодија селата околу пристанишниот град Одеса во јужна Украина, погодувајќи куќи, училиште и општински центар, додека во последните 24 часа најмалку двајца цивили загинаа, а 15 други се ранети во руските напади низ земјата, соопшти кабинетот на украинскиот претседател.
Како што пренесе Бета, руските сили истрелале седум крстосувачки ракети „Калибр“ во регионот на Одеса. Руското Министерство за одбрана соопшти дека нападите врз селото Биленка имале легитимна воена цел и оти „се уништени магацини за муниција за оружје испорачано од САД и европските земји“.
Претседателот на регионалната влада на Одеса, Сергеј Брачук, ги оспори тврдењата на Москва и објави дека шест лица се ранети.
– Овие напади врз мирни луѓе имаат една цел – да го заплашат населението и владата и да ги држат во постојана тензија, рече Брачук.
Во последниве недели, руската војска ги гаѓаше Одеса и делови од јужна Украина каде што нејзините војници претходно ги зазедоа градовите, велејќи дека Украина планира контранапади за да ги врати областите што се под контрола на Русија.
Во меѓувреме, украинските сили на терен во источна Украина се борат да ги задржат териториите под нивна контрола.