Двајца загинати и еден исчезнат во пожар на нафтена платформа во Мексиканскиот Залив

by Fokus

Најмалку две лица загинаа, а едно лице се води како исчезнато откако вчера избувна пожар на офшор платформата Нохоч Алфа во заливот Кампече, во Мексиканскиот залив, соопшти државната нафтена компанија „Петролеос Мексиканос“ (Пемекс), јави Си-Ен-Ен.

Околу 321 работник од 328-те кои работеа на конструкцијата кога избувна пожарот веќе се евакуирани, според Pemex. Четири чамци се испратени да ги контролираат пожарите на нафтената платформа.

Државната нафтена компанија претходно соопшти дека најмалку шест се повредени.

Во најновата видео изјава објавена на Твитер профилот на Пемекс, директорот на Пемекс Октавио Ромеро Оропеза, рече дека двете лица кои загинаа и едното исчезнато се од компанијата што работеше во објектот, а не од Пемекс.

Оропеза рече дека делот од платформата каде што започна пожарот е целосно уништен и дека Пемекс истражува што го предизвикало пожарот. Тој рече дека фирмата сега ги фокусира своите напори на барање на исчезнатото лице и продолжување со работа.

Некои вработени во други платформи изјавија за Си-Ен-Ен дека пламенот може да се види од блиските платформи, па се чини дека инцидентот е од значителна големина.

Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор рече дека пожарот го гаснат пожарникарите на Пемекс, а во гасењето учествува и мексиканската морнарица.

 

Поврзани новости