Двајца ученици од Кавадарци позитивни на вирусот, изолирани поголем број на соученици!

by Fokus

Еден ученик од основно и еден од средно училиште од Кавадарци се позитивни на корона вирус, потврдуваат за ,,Фокус” од Центар за јавно здравје Велес. Поради контакт со нив, поголем број на соученици се во изолација.

Според д-р Билјана Трајкова, епидемиолог од центарот, средношколецот бил на училиште и останал во училницата само два часа, а потоа бил ослободен од настава бидејќи кажал дека не се чувствува добро.

-Ученикот бил тестиран и е позитивен. При влез во училиштето му била измерена температура, но дури и некој да нема покачена температура, тоа не е показател дека евентуално не е носител на вирусот. И покрај тоа што поминал само два часа со своите соученици, ние одлучивме цел клас да оди во изолација. Се работи за околу 30 негови соученици – вели д-р Трајкова.

Другиот случај е со ученик од основно училиште, кој бил на роденден, па во изолација одат ученици од друго училиште, со кои бил заедно на роденденската забава. Неофицијално, се работи за 21 ученик кои одат во изолација поради овој случај.

-Ученикот од основно училиште кој е позитивен на вирусот не бил на училиште, но изолирани се ученици од друго одделение со кои бил заедно на роденден. Се уште се работи на прецизирање и утврдување на податоци, официјално немаме точна бројка за тоа колку од нив ќе бидат изолирани- појаснува епидемиологот.
Таа додава дека потребен е голем напор да се стави апсолутен ред во училиштата и да се почитува протоколот во целост.

-Имаме случаи кога возрасни, зрели луѓе, не ги почитуваат мерките и не може да им се појасни дека ова е опасен вирус, затоа и очекувано е ученици исто така да не се држат до правилата – изјави д-р Трајкова.
Денес министерката за образование Мила Царовска изјави дека до вчера биле регистрирани 14 позитивни ученици, односно позитивни биле 0,01 процент од учениците и исто толку од наставниот кадар.

Вики Клинчарова

Поврзани новости