Британски суд вчера осуди двајца тинејџери за убиство на Бриана Геј, 16-годишна девојка која го загуби животот во „избезумен и свиреп“ напад со нож.
Убијците, познати само како девојчето Икс и момчето Ипсилон, имале само 15 години кога ја намамиле Бриана во Линеар парк во селото Калчет, Англија, на 11 февруари и ја избоделе 28 пати во главата, вратот и грбот со ловечки нож.
Главниот сведок изјави пред судот дека убијците на Бриана биле опседнати со насилство, тортура и смрт и дека подготвиле „список за убиства“ во кој е вклучена трансродовата Бриана и четири други деца, пишува Скај Њуз.
На поротниците им беа покажани илјадници СМС пораки и пораки на Ватсап разменети помеѓу девојката и момчето, кои сега имаат 16 години. Во пораките разговарале за нивните планови.
И момчето и девојчето тврделе дека тие не го извршиле убиството, а разговорите биле само мрачни фантазии.
Вчера поротата ги прогласи за виновни за убиство во судот во Манчестер по четири часа и 40 минути размислување. Судијата Џастис Јип ја одложи пресудата.
„Ќе морам да изречам доживотна затворска казна. Она што треба да го одлучам е минималното време што ќе треба да го одлежите пред да поднесете барање за ослободување“, рече судијата.
Таткото на Бриана, Питер Спунер, изјави дека е горд на својата ќерка чиј живот бил „брутално одземен“.
„Моето срце крвари секој ден за Бриана и ова никогаш нема да исчезне. Никогаш не престанав да ја сакам и никогаш нема”, рече тој. „Знаев дека таа ќе биде ѕвезда и поддршката што ја доби од нејзините следбеници на Тикток го докажа тоа. Бев толку горд на она што таа можеше да го направи“, рече тој.
„Ова беше еден од највознемирувачките случаи со кои сме се занимавале. Планирањето, насилството и возраста на убијците се незамисливи“, рече заменик-главниот обвинител Урсула Дојл.
„Бриана Геј беше подложена на бесен и жесток напад и беше избодена 28 пати среде бел ден во јавен парк“, додаде таа.