Основното јавно обвинителство Струга до надлежниот суд поднесе предлози за парични казни од по 3.000 евра за четири лица, од кои тројца го прекршиле полицискиот час, а едно лице ја прекршило мерката за државен карантин. Сите дела за кои се товарат се казниви по член 206 став 1 од КЗ за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
Двајца од обвинетите го прекршиле полицискиот час и без да поседуваат дозвола пловеле со едрилици низ Охридското Езеро, велат од Обвинителство.
Едно лице е обвинето затоа што се движело пеш низ Струга во време кога во сила била забраната за движење, додека четвртиот обвинет не ја почитувал задолжителната мерка за строга изолација.
Тој по пристигнување на територијата на државата имал обврска да биде во 14-дневен државен карантин во хотелот „Дрим“ во Струга, но од страна на полициските службеници бил затекнат како се движи низ ходникот од објектот.
Надлежниот јавен обвинител за сите обвинети му предложи на Судот да определи парични казни од 100 дневни глоби, а вредноста на една дневна глоба да биде одредена на 30 евра.