Поранешниот шеф на руската вселенска агенција Роскосмос и поранешен вицепремиер на Русија, Дмитриј Рогозин бил ранет додека престојувал во хотел во Донецк, кој, како што пишуваат руските новински агенции, бил гранатиран од украинските сили.
„Хотел во предградие на Донецк, во кој е сместен тим од воени советници предводен од Дмитриј Рогозин, беше гранатиран. Дмитриј доби рана во грбот. Тој беше пренесен во болница. Неговиот живот не е во опасност“, изјавил помошникот на Рогозин.
„Ројтерс“ објави дека во нападот бил повреден уште еден проруски функционер – Виталиј Хоценко, шефот на владата на самопрогласената Народна република Донецк.
Донецк, контролиран од промосковските трупи, се наоѓа во индустрискиот регион Донбас, епицентарот на неодамнешните жестоки борби меѓу Русија и Украина.