Двајца преживеани и двајца загинати по падот на хеликоптерот во близина на грчкиот остров Самос

by fokus

Двајца членови на екипажот го загубија животот, а останатите двајца преживеаја, откако хеликоптерот со четиричлен екипаж, што учествуваше во гаснење на пожарот на Самос, попладнево се урна во морскиот дел југозападно од грчкиот остров, јави дописничката на МИА од Атина.

Од противпожарната служба на Грција попладнево соопштија дека станува збор за хеликоптер од типот ER-MHY (Mi-8 MTV-1) кои тие го изнајмиле да помага во пожарот.

Членови на екипажот се двајца се романски државјани, еден државјанин на Молдавија и еден Грк, а несреќата ја преживеале едниот Романец и Молдавецот, додека пак животот го загубиле Гркот и вториот Романец.

Во спасувачката акција жив беше пронајден пилотот на хеликоптер, потоа беа пронајдени безживотните тела на двајца членови на екипажот, додека пак четвртиот член, вечерва беше пронајден жив на копно и веројатно сам, со пливање успеал да се спаси.

Во спасувачката акција учествуваа бродови на крајбрежната служба, два хеликоптера, волонтери и приватни рибарски чамци.

Според грчката телевизија ЕРТ, хеликоптерот паднал од мала височина, односно кусо откако наполнил вода од морето и во моментите кога почнал да се оддалечува од површината.

Поврзани новости