Двајца пратеници побараа автентично толкување на спорниот член 11, за да не воскресне аболицијата на Иванов

by fokus

Пратениците Сашко Коцев и Диме Велковски од СДСМ до Собранието веќе поднеле барање за автентично толкување на Членот 11 од Законот за помилување, потврдуваат за „Фокус“ од Собранието.

Нивната иницијатива следува откако министерката за правда, Рената Дескоска денеска ги повика пратениците да се одважат, со што би се спречил Уставниот суд да ја оживее спорната аболиција на екс претседател Ѓорге Иванов, а со која може да се спасат сите обвинети и осомничени од СЈО.

Како што веќе објави „Фокус“, Уставниот суд одлучи на дневен ред да ја стави иницијативата за член 11-а од Законот за помилување од 2016 година, поради што повторно оживеaја сомнежите дека се прави обид за воскреснување на спорната аболиција на Ѓорге Иванов, со што од кривичен прогон би се спасиле речиси сите кои беа обвинети и осомничени од СЈО.

Кога пред неколку години Иванов ги аболицираше осомничените, од кои повеќето беа поранешни високи функционери, се повика на членот 11 од Законот за помилување. Тогаш на нозе се крена стручната јавност, која посочи дека овој член е избришан од правниот поредок, и дека не може да се воскресне мртов член.

Членот 11 беше „жив“ се до 2009 година Законот за помилување, кога беа донесени законски измени, со кои беше избришан членот 11, а беа додадени и 4 кривични дела за кои не може да се даде помилување. По поднесена иницијатива во 2016 година Уставниот суд ги укина сите измени и дополнувања од 2009 година. Претседателот Иванов и неговиот експертски тим ова го протолкува како враќање на веќе еднаш избришаниот член. И покрај оваа манипулација, на мртвиот член беше додаден и нов, член 11-а, со кој претседателот ја поништи аболицијата.

За Уставниот суд пак нема дилема околу членот 11. За нив тој сѐ уште е дел од правниот поредок, односно аболицијата која ја дал екс претседателот Иванов била уставна.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости