На двајца планинари од Македонија, момче и девојка, им се изгубила трагата синоќа на планината Ниџе. Со поголема група на луѓе започнале да се искачуваат од страна на грчката граница, но кратко потоа им се губи трагата. Нивните телефони се лоцирани на 100 метри од македонска територија, велат од МВР.
Случајот е пријавен во полициската станица во Битола синоќа околу 03.00 часот. Не се знае во каква состојба се исчезнатите. Од полицијата велат дека поради лошите временски услови и густата магла надлежните служби до сега не можеле да реагираат.
Се очекува во секој момент хеликоптерската единица да започне со пребарување на теренот.
Во спасувачката акција се вклучени Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и грчките погранични служби.