Двајца лекари-специјалисти, кои биле дежурни на Детската клиника ноќта кога почина 14-месечното бебе, се отстранети од работа. Клиниката донела одлука за формирање дисциплинска комисија која ќе ја утврдува нивната одговорност.
„Врз основа на Извештајот на Комисијата за стручен надзор формирана од Министерството за здравство на РСМ во врска со случајот на починатото 14 месечно дете Руја Сулиси, каде се констатирани елементи на лекарски пропуст, согласно член 187 од 333 и чл.30 од Статутот на ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести-Скопје, в.д директорот на ЈЗУ У Универзитетска клиника за детски болести на ден 18.10.2024 год. донесе одлука за формирање Комисија за водење на дисциплинска постапка и поднесе пријава за утврдување на дисциплинска одговорност за сторен дисциплински престап на здравствените работници-двајца доктори специјалисти кои биле дежурни и извршиле преглед на малото дете на ден 03.10.2024 год“ – информираа од Детската клиника.
„Директорот на Универзитетската Клиника за детски болести – Скопје донел Решение за времено отстранување на двајцата лекари за кои се води дисциплинска постапка, согласно член 192 став 2 од Законот за здравствена заштита, до донесување на конечно решение во дисциплинската постапка“, додаваат од Клиниката.
Девојчето почина откако повеќепати било враќано дома и не било примано на Детската клиника, иако состојбата му била сериозна.
Родителите ја однеле Руја во Болницата за белодробни болести „Козле“, каде состојбата дополнително ѝ се влошила и дури тогаш била примена на одделението за интензивна нега на Детската клиника.