Дваесетина пратеници ќе се повлечат од иницијативата за недоверба

Извори од ВМРО-ДПМНЕ за „Фокус“ брифираат дека решиле технички да го изменат постоечкиот предлог за гласање на недоверба на владата, наместо да поднесат нов.

by fokus

Околу 20 пратеници ќе ги повлечат потписите од иницијативата за гласање на недоверба на Владата што веќе ја поднесоа 61 пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Левица.

Извори од ВМРО-ДПМНЕ за „Фокус“ брифираат дека решиле технички да го изменат постоечкиот предлог за гласање на недоверба на владата, откако спикерот Талат Џафери порача дека ако го повлечат постоечкиот предлог дури после 3 месеци ќе може да поднесат нов.

Затоа, како што вели пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, во текот на денот дел од пратениците ќе поднесат изјави дека ги повлекуваат потписите, со цел на иста листа да не бидат пратениците на „Алтернатива“ и „Левица“.

Според толкувањата ВМРО-ДПМНЕ на собранискиот Деловникот, пратеник во секое време може да го повлече потписот, а, како што е јасно предвидено, барање за гласање на недоверба на Владата може да поднесат најмалку 20 пратеници.

Меѓу оние пратеници кои ќе ги повлечат потписите, според нашиот извор, нема да биде Скендер Реџепи од „Алтернатива“, кој кажа дека не сака неговиот потпис да стои заедно со потписите на партијата „Левица“.

Затоа, според него, потписите ќе ги повлечат двајцата пратеници од „Левица“, како и неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Сепак уверуваат дека сите првично потпишани ќе гласаат за недоверба на Владата, а може да биде и обезбеден глас плус.

Џафери вчера изјави дека опозицијата не може да поднесе нова иницијатива за гласање на недоверба на Владата, кога веќе има поднесено една.

-Јасни се процедурите. Има седница закажана во четврток. Седницата мора да има епилог. Епилогот може да биде, се гласа недоверба – паѓа Владата, не се гласа недоверба – не паѓа Владата. После тоа наредните 90 дена не може да има повторно гласање на недоверба – порача Џафери.

Седницата за гласање на доверба на Влада е веќе закажана за в четврток во 11 часот.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости