Околу дваесет илјади евра се предвидени за најголемата градска манифестација ,,Свети Трифун’’, која традиционално се одржува на 14 февруари во Неготино.
Голем број на новитети, богата програма и разни уметнички перформанси се предвидени за празникот на винарите и лозарите – беше соопштено на денешниот состанок помеѓу локалната самоуправа и лозари, винари, фолклорни друштва и разни граѓански здруженија.
– Планирано е активностите по повод празникот да траат три дена, односно од 12 до 14 февруари. Новитет е тоа што на 14 февруари забавата на градскиот плоштад ќе започне предпладне и ќе трае цел ден, а во вечерните часови ќе продолжи на старата градска чаршија, каде се планирани доста забавни содржини, нешто во стилот на Боемска вечер, која беше актуелна во градот пред повеќе од една деценија – вели Диме Витанов, претседател на Совет на Општина Неготино.
Околу тоа кои музичари ќе ги забавуваат присутните, се уште немало дефинитивна одлука. Тој додава дека имаат обезбедено 1.200.000 денари за манифестацијата, но ќе се потруделе да не ги потрошат сите, бидејќи поради долговите кои ги наследиле од претходното раководство, морале да штедат.
-Од сумата предвидена за настанот, 300.000 денари се од буџетот на општината, а останатите средства се обезбедени од страна на Министерството за земјоделие и приватниот сектор, односно од спонзори. Максимално ќе се потрудиме да не се потрошат сите средства, бидејќи мораме да штедиме – изјави Витанов.
За време на празникот во градот ќе се одржат многу проекти и работилници, отворање на копаничарско атеље, изложби, спортски натпревари, хуманитарен базар, настапи на фолк и поп групи, едукативни настани поврзани со виното и грозјето и друго. Се очекува големо присуство на гости од другите градови, но и од странство, а целта е настанот да стане популарна стопанска манифестација која секоја година ќе привлекува се повеќе туристи.
Освен во Неготино, празникот ,,Свети Трифун’’ се одбележува и во Кавадарци и Демир Капија, каде населението претежно се занимава со лозарство и винарство.
Вики Клинчарова