Со парите кои граѓаните ги оставаа хуманитарно за парче од големата пастрамјлија во Велес, на општинската манифестација Пастрмајлијада, биле купени 20 пакети со храна, која им била поделена на социјално ранливи категории на граѓани, информираат од Црвен Крст Велес.
На настанот се собрале 14.684 денари, односно околу 238 евра, што значи дека еден пакет со храна изнесува околу 12 евра.
-Волонтерите на Црвен крст на РСМ Општинска организација Велес денеска реализираа хуманитарна акција. Се поделија 20 пакети со основни прехрамбени производи, наменети за лица и семејства во социјален ризик.
Пакетите се донација од граѓаните за граѓаните. Тоа се средства во висина од 14.684,00 денари кои се донираа при поделбата на големата пита пастрмајлија на овогодинешната манифестација „Велешка питијада 2023“.
Пакетите се изработени согласно стандардите за поделба на хуманитарна помош пропишани од Меѓународната федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина и нашето Национално друштво. Истиот содржи 12 различни или вкупно 16 прехрамбени производи. Тежи 8,2 килограми.
Во поделбата беа вклучени тројца волонтери од Клубот на млади- известија од Црвен Крст Велес.
Инаку, џиновската пита во Велес беше долга четири метри и десет сантиметри и тешка 100 килограми. Ја исекоа градоначалникот Марко Колев и претседателот на Советот на Општина Велес, Зоран Љутков, и за околу 20 минути беше раздадена на граѓаните.
Во хуманитарната каса градоначалникот остави 2.000 денари, а пак претседателот на Советот остави 1.000 денари. Според слободни проценки, за изработката на џиновската пастрмајлија, која се прави од брашно, јајца и свинско месо, биле потребни околу 200 евра.
Вики Клинчарова