Само во текот на вчерашниот ден имало вкупно 40 пожари низ целата територија на земјава, информираше првиот човек на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Најсериозен е оној на територија на Општина Македонски Брод кај селата Тажево и Брезница каде пожарникарите веќе дваесет дена не можат да ги скротат пламените јазици. Ангелов информираше дека пожарот навлегол и во ловиштето „Јасен“ каде гори борова шума. На терен покрај противпожарните екипи од нашата земја и Армијата, присутни се и околу триесетина припадници на унгарски тим пожарникари.
Директорот Ангелов синоќа заедно со унгарскиот амбасадор во земјава Андраш Клајн ги посетиле унгарските противпожарни единици кои заедно со своите македонски колеги успеале да го „одбранат“ селото Брезница оти постоела опасност пожарот да навлезе во селските куќи.