Во Бања Лука се потврдени два случаи на инфекција со новиот корона вирус, потврди министерот за здравство на Република Српска Ален Шераниќ.
Тој информира дека се работи за работник од Италија и неговото дете.
Таткото, кој сам се пријавил за да биде тестиран, и детето имаат благи симптоми и се чувствуваат добро. Мајката е негативна на Ковид-19.
Основното училиште „Бранко Чопиќ“ во кое оди детето денеска е затворено.
Градоначалникот на Бања Лука Игор Радојчиќ изјави дека училиштето е затворено и сите ученици утрово се вратени дома.
– До понеделник нема да има настава и за тоа време ќе извршиме дезинфекција на објектот, рече Радојчиќ.
Тој нагласи дека засега нема симптоми кај никого од училиштето.
За попладне е закажана седница на Градскиот штаб за вонредни состојби.
Директорот на Универзитетскиот клинички центар во Бања Лука, Владо Џајиќ истакна дека медицинската установа има капацитет да реагира во вакви случаи, а в.д. директорот на Институтот за јавно здравје Бранислав Зељковиќ, рече дека нема место за паника, но има причини за претпазливост.
– Опремена е една просторија за тешки пациенти, доколку дојде до тоа, рече Џајиќ.
Зељковиќ информира дека Институтот за јавно здравје, заедно со Здравствениот дом, денеска ќе ги тестираат децата од основното училиште „Бранко Чопиќ“.