Два рудници привремено ќе го прекинат процесот на производство

by Fokus

Од 1 септември годинава рудниците Бучим и Боров Дол ќе прекинат со процесот на производство на определен период во кој е планирано да се направи целосна замена на флотомашините во рудникот Бучим со нова опрема, која што е дизајнирана и изработена од светски реномираната компанија Метсо Оутотек, и да се изгради фотонапонска централа за производство на електрична енергија, со што ќе се постигне намалување на зависноста од цената на електричната енергија на отворениот пазар.

Со тоа, како што информираат од компанијата, рудникот Бучим ќе има најсофистицирана опрема за обработка на бакарна руда и производство на бакарен концентрат.

-Проектот за модернизација започна да се реализира уште од септември 2021 година, притоа, во наредниот период се очекува испораката на опремата, велат од компанијата и нагласуваат дека уште од јануари годинава започнале со активности за изградба на фотонапонска централа.

За време на реализирањето на овие две капитални инвестиции, велат дека ќе се продолжи со континуираните геолошки истражувања.

-До денешен ден се евидентирани дополнителни количини на руда кои што ќе го продолжат животниот век на рудниците за дополнителни 5 до 7 години. Исто така, несомнено е дека текот на привремениот застој, рудниците ќе се придржуваат и ќе ги исполнуваат своите обврски согласно издадените А-интегрирани еколошки дозволи‚ ќе се врши мониторинг, а воедно ќе се разгледуваат можности за унапредување на намалувањето на влијанието на рудниците врз животната средина, порачуваат од компанијата.

Поврзани новости