Утрово руската инвазија на Украина влезе во третиот месец. Крајот на борбите не е на повидок, илјадници се убиени, милиони протерани, а градовите претворени во урнатини.
Соочена со сè посилни санкции од западните земји и жестокиот украински отпор поддржан од западно оружје, Русија продолжува да бомбардира градови и започна нова офанзива на истокот на Украина.
Според проценките на ОН, најмалку 2.435 цивили се убиени, а 2.946 се повредени во Украина од почетокот на војната, но се верува дека вистинската бројка е многу поголема. Повеќе од 5,1 милиони Украинци побегнале во други земји, а над 7,7 милиони се внатрешно раселени, соопшти агенцијата за бегалци при ОН.
На 24 февруари Русија ја нападна Украина од три правци во најголемиот напад врз европска земја од Втората светска војна.
Десетици илјади цивили избегаа од борбите во првите денови, а рускиот претседател Владимир Путин објасни дека започнува „специјална воена операција за демилитаризација и денацификација на Украина“.
Во една од првите јавни пораки, украинскиот претседател Володимир Зеленски твитна: „Русија е на патот на злото, но Украина се брани себеси“.
Првите преговори меѓу двете страни почнаа на 28 февруари, но без никаков успех бидејќи Украина, која се согласи на неутрален статус, не сака да отстапи ниту дел од својата територија.
Следните денови, од 1 март, Русија започна целосен напад врз клучните градови Харков и Мариупол и Hерсон на југ.
На 2 март, руските сили започнаа со бомбардирање на јужниот пристаништен град Мариупол и нападот траеше 14 последователни часа, со што беше запрено заминувањето на цивилите. На тој ден започна московската опсада на градот со стотици илјади жители. Овој град денес е речиси уништен.
Поради растечките критики, Кремљ потоа ги блокираше Твитер и Фејсбук. Пристапот до информативните платформи како Гласот на Америка, Би-Би-Си и Дојче веле – меѓу другите медиумски платформи -, e блокиран од почетокот на март. Путин потпиша закон со кој се криминализираат „лажните вести“, со кои престапниците би можеле да добијат до 15 години затвор. Согласно овој закон, при известување медиумите не смеат да ги користат зборовите „војна“ или „инвазија“ за да ја опишат ситуацијата во Украина. Дозволениот термин е „специјална воена операција“.
Во настан што предизвика силна вознемиреност во светот, руските сили ја зазедоа нуклеарната централа Запорожје – една од најголемите европски нуклеарни централи – на 4 март.
Во меѓувреме, НАТО го отфрли апелот на Украина за зони забранети за летови, велејќи дека со тоа ќе ескалира конфликтот.
Следната недела, руските војници бомбардираа породилиште, а подоцна и театар во пристанишниот град Мариупол, каде што стотина цивили беа засолнети. Русија истрела проектили и врз база во Јаворив блиску до границата со Полска, членка на НАТО.
На 15 март Зеленски прифати дека неговата земја нема да стане членка на НАТО, што е едно од барањата на Русија во обид да постави основа за понатамошни преговори.
Неколку дена подоцна, американскиот претседател Џо Бајден го предупреди кинескиот претседател Си Џинпинг за „последиците“ доколку Кина и понуди на Русија „материјална поддршка“ во конфликтот.
На 25 март, Москва сигнализираше дека ќе ги намали своите амбиции и ќе се фокусира на територијата на исток, каде се борат и проруските сепаратисти, додека украинските сили тргнаа во офанзива за враќање на градовите надвор од Киев.
Во Истанбул се одржаа мировни преговори. На 29 март двете земји одржаа уште една рунда мировни преговори, но и тие завршија неуспешно.
Во првата недела од април, Украина повторно зазеде повеќе територии околу Киев од руските војници. Украина, исто така, ја обвини Русија за воени злосторства, откако во повторно заземениот град Буча беа пронајдени масовна гробница и тела на луѓе застрелани од непосредна близина. Градоначалникот соопшти дека се пронајдени телата на повеќе од 400 лица.
На 14 април, водечкиот руски воен брод во Црното Море, Москва, потона по експлозија и пожар за кој Украина рече дека бил предизвикан од ракетен напад. Една недела подоцна, Путин го прогласи југоисточното пристаниште Мариупол за „ослободено“ бидејќи Москва тврдеше дека презела „целосна контрола“ врз стратешкиот пристанишен град. Но, Украина вели дека ќе се бори до крај. Во фабриката за челик Азовстал се наоѓаат украински борци, но и повеќе од 1000 цивили, кои апелираат да бидат извлечени. Се проценува дека таму има околу 2000 борци.
Украинската армија денеска соопшти дека руските сили ги продолжиле нападите на истокот на Украина.
Војската информира дека Русите ги напаѓаат украинските позиции долж целата линија на контакт на 60-тиот ден од војната. Тие наведуваат и дека руската армија ги интензивирала офанзивните и јуришните операции во правец на Северодонецк, Курахив и Попасна.
Најмалку осум лица загинаа во гранатирањето на истокот на земјата, соопштија регионалните власти во источна Украина.
Руската офанзива сега е насочена кон Донбас, каде целта е сепаратистите поддржани од Москва целосно да ја преземат контролата.