По повеќе од два часа заврши средбата на работната група на власта и опозицијата за законот за јавно обвинителство, на која беа присутни министерката за правда Рената Дескоска, како и претставници од СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците и Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
Денешната средба следува по дводневната јавна расправа на која претставници на политичките партии и експерти од оваа област имаа можност да ги изнесат своите забелешки. Министерството за правда најави дека дел од нив ќе бидат вградени во предложеното законско решение кое треба да се најде на собраниска седница доколку политичките партии денеска ги усогласат ставовите.
Претседателот на Парламентот Талат Џафери вчера изјави дека има деловничка можност Предлог-законот да биде веднаш ставен на собраниска седница доколку текстот биде усогласен.
– Има таква деловничка можност, изјави Џафери на средбата со новинарите, додавајќи дека сè зависи од волјата на парламентарниот состав.
На неопходноста од донесување на законот за ЈО укажуваат и владините претставници и меѓународната заедница.
Новиот Предлог-закон за јавно обвинителство се очекува да биде донесен до 12 февруари, кога треба да се распушти овој собраниски состав. За неговото донесување неопходно е двотретинско мнозинство.