Битолчанецот Душко Илиевски, кој е познат во јавноста како Душко Млекарот, веќе две години, како што вели, се обидува да дознае зошто незаконски бил екстрадиран од Германија, и покрај тоа што имал добиен азил.
Веста за неговата екстрадиција беше објавена кон крајот на 2020 година. Од МВР тогаш појаснија дека Илиевски е спроведен во затворот во Прилеп за издржување на затворска казна од 1,6 години. Тој бил баран со меѓународна потерница откако се преселил да живее во Германија со семејството каде доби политички азил.
-На 28 септември 2016 година побарав азил во Германија, а го добив на 9 август 2017 година и тоа со дополителна заштита и забрана за екстрадиција. Бев баран со меѓународна потерница од јуни 2018 година, а во мај 2020 година бев екстрадиран без да ми биде даден било каков документ за екстрадицијата. Најпрвин ме однесоа на аеродромот во Франкфурт, каде што ме задржаа 4 дена, а петиот ден бев екстрадиран. Од Германија преку Австрија бев донесен во Македонија без никаков документ и без пасош. А таму поседував привремен германски пасош со кој бев заштитен во Германија, вели Илиевски.
Тој додава дека до повеќе институции се обратил за да ги побара документите за неговата екстрадиција, но од никаде не добил одговор.
-Се обратив до Министерството за правда, до Кривичниот суд во Скопје, до Основниот суд во Битола, бидејќи немам никаков документ за екстрадицијата. Се обратив и до неколку невладини организации, но од никаде не добив одговор или помош, вели битолчанецот.
Тој вели дека неправда е што веќе две години е одделен од неговото семејство.
-Веќе две години сум разделен од мојата фамилија, од сопругата и децата, со кои имав ист статус на азил, но само јас бев екстрадиран и вратен. Како можат да ме разделат од моите две малолетни деца и од мојата сопруга, прашува Илиевски.
Тој додава и дека ангажирал адвокат во Германија, кој до 25 април побарал од македонските институции да му достават копии од судот за неговата екстрадиција.
-Кога бев уапсен мојата фамилија не знаеше кај сум 20 дена, бидејќи не им дадоа никаков документ, туку им дадоа само визит картичка од полицијата која ме уапси, а не Интерпол. Исто така не ми е јасно како може да сум баран со меѓународна потерница од Интерпол во 2018 година, а на страницата на Интерпол не постоев, вели Илиевски.
Илиевски беше осуден за учество во толпа и напад на службени лица за време на протестите на „Шарената револуција“.
Тој во минатото ги водеше протестите на битолските фармери против шведската млекарница „Сведмилк“ која не им го исплати откупеното млеко на сточарите. По протестите Душко Млекарот заврши во затвор под обвинение дека нелегално одгледувал марихуана.
По неколку години се докажа дека не бил виновен, поради што доби и отштета за времето што го помина во притвор.
В.В.