Врховниот суд им досуди уште 9.000 евра отштета на фармерот Дуле Илиевски, неговиот татко Томе и брат му Цане за претрпените страв и понижување и штетите во земјоделството кога пред осум години беа спектакуларно уапсени и неправедно обвинети за огледување марихуана, објави СДК. Заедно со трите илјади евра што претходно им ги досудија битолските судови, оштетата сега достигна 12.000 евра. Но, една третина од парите треба да платат за судски трошоци.
Илиевски смета дека она што ќе им остане се премалку пари за голготата што семејството ја минало за време на претходниот режим, кога угледот им бил нарушен, а земјоделскиот род, поради деновите минати во притвор, им останал несобран. Најавуваат дека одлуката ќе ја обжалат пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
„Државата ќе ја тужам во Стразбур. За голготата што јас и моето семејство ја минавме од поранешниот режим кога 12 дена поминавме во притвор и два дена во полициска станица, а за претрпен страв и штетата во земјоделството баравме 80 илјади евра отштета. Во Битола ми беа досудени 3.000 евра, ја ожалив одлуката па сега на Врховен ми досудија уште 9.000 евра , од кои треба да платиме за трошоци 4.500 евра. Што ќе ни остане, по две и пол илјади евра на човек, а какво страдање претрпивме“, вели Илиевски.