Душко Арсовски заминува од функцијата портпарол на Владата. Денешната прес-конференција на премиерот, Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши е последната во која тој се појавува во оваа улога. Информацијата ја соопшти премиерот кој во негово лично и од името на Владата му се заблагодари на Арсовски за досегашниот ангажман.
Ковачевски рече дека досегашниот портпарол заминува на сопствено барање.
„Пред да започнам со прес-конференцијата сакам да му се заблагодарам од мое име и од името на Владата на досегашниот портпарол на Владата, Душко Арсовски кој денеска го завршува својот ангажман како портпарол на Владата на негово барање и ќе продолжи со друг предизвик во својата професионална кариера. Голема благодарност верувам ќе упатат и медиумите со кои во изминатите две и пол години комуницираше на врвно професионално ниво и практично тој беше дел од процесот во кој Владата како институција беше оценета како најтранспаретна со 100 отсто транспаретност. Душко, ти благодарам и ти посакувам многу лични и професионални успеси во понатамошната кариера“ – рече Ковачевски.
Арсовски за портпарол на Владата беше именуван на 13 октомври 2020 година на владина седница, откако претходно голем дел од својата дваесетгодишна кариера работеше како новинар и уредник во Македонската радио-телевизија (МРТ).