Душевна болка

by lali

Кога имав девет години, ми беше дијагностицирана неизлечива болест. Моите родители ја добија кусата дијагноза на шалтер, без додатни објаснувања и утеха. Но, тие беа образовани луѓе и добро знаеја што значи напишаното. Разбраа дека можеби само месеци ми преостануваат. Имав девет години, бев четврто одделение и немав поим дека ми е пропишана сигурна смрт.

Поимот умирачка за едно дете е непознат. Тоа е нешто што им се случува на другите, далечно од нив и нивните семејства. Солзите на мајка ми и татко ми, што тие неуспешно ги криеја од мене, ми навестуваа дека нешто важно се случува, но дека ќе биде со помин.

Освен што тие храбро ја криеја тагата, успеаја да најдат начин да ме однесат во Париз, во најголемиот европски центар за тие болести, зашто кај нас никој не се нафаќаше за таква операција. Со државна помош и со зајмени пари од роднини и од пријатели.

„ЛОШИОТ“ СОЦИЈАЛИЗАМ ГИ ПОКРИ ТРОШОЦИТЕ ЗА ЛЕКУВАЊЕТО 

Таму бев на детски оддел, а многу од децата беа со голи глави. Најтешко ми паѓаше спријателувањето со нив, зашто, откако ќе легнеа на хемотерапија, тие исчезнуваа и ги преместуваа на оддел за интензивна нега. Сега знам дека најголем дел од нив никогаш не се враќале на одделот каде што сè уште постоеше надеж.

Во ходниците беа дозволени и брканици и детски игри. Мајка ми ме замоли да посетувам едно тригодишно девојче и да си играм со него, иако тоа беше врзано за кревет. Едно утро кога станав да ја посетам, таа не беше таму.

Многу подоцна ги разбрав деталите за судбините на моите мали пријателчиња-ангелчиња, на кои и ден-денес им ги паметам имињата и голите глави. Разбрав дека сум била една од ретките среќници меѓу нив.

Кога ме оперираа и кога тамошните лекари утврдија дека тукашната дијагноза ми била погрешна зашто симптомите на двете болести биле слични, забележав дека мајка ми почна слободно да плаче пред мене. Наликуваше на санта мраз што се топи на јулско сонце. Таа спиеше со мене по долгата и тешка операција.

Се сеќавам дека првата ноќ по операцијата, по многу непроспиени ноќи, ја минавме плачејќи заедно. Јас од болкa, таа од среќа! Татко ми го преора Париз зашто му побарав да ми најде шваргла и млад кромид. И најде! За моите родители Париз остана симбол на мака, трагедија што демне, но и симбол на катарза со среќен крај.

Кога се вративме дома, родителите ги исплатија долговите, но државата им помогна за најголем дел од нив. Здравственото осигурување во „лошиот“ социјализам ги покри трошоците за моето лекување. Моите родители ги платија само трошоците од нивниот престој таму.

НЕМА НИШТО ПОПОНИЖУВАЧКО ОТКОЛКУ ДА МОЛИШ ЗА СОПСТВЕНОТО ЗДРАВЈЕ

Фер, нема што, за еден систем кој денес е јавно плукан и оспоруван како неправеден од сегашнава власт. За неа отпрвин мислев дека е млада и неискусна, но дека има чесни намери и дека со време ќе научи да ја води државата.

Потоа мислев дека меѓу оние од власта има и такви што само се нашле на погрешно место, па стрпливо чекав да си ги исправат грешките. На крај, ми стана јасно дека тие се само извршители на наредби и дека нивниот единствен интерес е личниот, а не земјата, народот и нашите деца.

И кога пред некоја година одев во Заводот за здравство и објаснував дека не можам да си ги платам лековите и кога доставував белешки од медикаменти, лекари, испитувања и препораки, едвај стоејќи на нозе, почувствував дека нема ништо попонижувачко отколку да молиш за помош за сопствениот живот, за здравјето за кое си плаќал секој месец, со години наназад.

Помошта од државата овојпат за мене не дојде. Ми помогнаа моите најблиски, на кои им го должам животот. На ова патешествие видов многу несреќни, болни луѓе и деца што беа оставени на цедило од државата, но, за жал, немаа никој друг да им помогне.

Затоа кога денес ќе видам повик за помош на тешко болни деца, секогаш се сеќавам на мојата приказна од детството. Децата во тоа време вистински значеа наша иднина и богатство, а државата, по сè изгледа, повеќе се грижеше за нив ‒ и не ги оставаше само на милост и немилост на доброчинителите.

Но, денес, фонтаните, спомениците и музеите за страдањата од тоа време станаа наш најголем приоритет и наше најголемо богатство, а за „душевни“ болки се бараат огромни суми пари. И затоа, ова наше денешно општество е болно од неизлечива болест. Се плашам дека овојпат дијагнозата е точна!

Поврзани новости