Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши заедно со претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов и претседателката на Организацијата на работодавачи Владанка Трајкоска, како претставници на социјалните партнери, денеска ја потпиша измената на Спогодбата за основање на економско социјалниот совет со новиот состав.
Согласно новата спогодба министерот за економија и труд ќе биде претседател на Економско социјалниот совет, а останати членови именувани од Владата ќе бидат министерот за социјална работа, демографија и млади, министерката за финансии и министерката за образование.
„Денеска официјално ќе ја одржиме првата седница која има свечен карактер и е конститутивна. За Владата е од клучно значење транспарентен социјален дијалог. Економско социјалниот совет е трипартитно тело на национално ниво преку кое ние во наредниот период ќе го водиме социјалниот дијалог, ќе ги слушнеме барањата и на работодавачите и барањата на синдикатите и ќе носиме заеднички одлуки и мерки кои ќе имаат главна цел да се подобри животниот стандард на граѓаните“, изјави министерот и додаде дека денеска бидејќи е конститутивна седница само ќе се слушнат барањата на синдикатите и работодавачите.
„Денеска ќе ги слушнеме барањата на сите, кои потоа ќе ги пратат официјално до Економско социјалниот совет и ние како точки на дневен ред ќе ги разгледаме во некоја од наредните седници.Сакам да порачам дека во наредниот период сите одлуки, мерки, закони ќе се носат транспарентно во рамки на Економско социјалниот совет и ние ќе ги слушнеме и ќе ги разгледаме сите барања“ додаде Дурмиши.