Ако цените на прехранбените производи се зголемат идниот месец, по завршувањето на мерката есенска потрошувачка кошничка, министерот за економија Бесар Дурмиши најави поригорозни мерки.
„Во наредниот месец очекуваме повторно намалени цени поради тоа што стапува на сила Законот за нефер трговски практики. Ако трговците ги покачуваат цените и тоа го видиме на терен, ќе донесеме поригорзни мерки, рече Дурмиши и додаде дека податоците покажале дека цените се намалени.
Како што посочи, Комисијата за заштита на конкуренција веќе има проширен состав и дека тројца нови членови ќе работат специјално на спроведување и одредување санкции за оние кои го прекршуваат Законот за нефер трговски практики.
Со овој закон, кој опфаќа околу 2.500 производи, се очекува намалување на цените во маркетите преку уредување на односите помеѓу трговците и добавувачите, но според министерот Дурмиши оваа година нема да има казнување, туку тоа ќе започне од следната година.
Во септември, Владата на седница ја донесе мерката за ограничување на бруто профитна маржа на дел од основните прехранбени производи до 10 проценти во трговијата на големо и во трговијата на мало.
Со оваа мерка не се согласува министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, која тогаш рече дека државата нема доволно капацитети да го контролира применувањето на мерката. Според неа, ефектите ќе се почувствуваат со Законот за нефер трговски практики.
Според последните податоци на Сојузот на синдикати со новата мерка трошоците за минималната кошничка се намалиле за само 57 денари.