Дурмиши: Легитимно е да има бојкот на маркетите

by Fokus

Утре или во понеделник Министерството за економија ќе соопшти какви мерки ќе преземе Владата во однос на поскапувањата на основните прехранбени производи поради кои граѓаните организираат бојкот на поголемите ланци маркети, соопшти денеска министерот за економија Бесар Дурмиши.

– Легитимно е да има бојкот на маркетите, го разбирам организирањето на вакви активности зашто одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните. Ова нема да го прифатиме и да го толерираме. Ќе ве известиме како ќе постапиме понатаму, подготвени сме да ги преземеме сите мерки што ни се на располагање за да ги спречиме овие незгодни ситуации, рече Дурмиши на брифинг со новинарите.

Според него, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) до крајот на неделава треба да ги заврши шестмесечните контроли со кои се опфатени дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците.

– Течат контролите на дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците. Надзор се врши врз целокупниот процес, се контролира и колкава е маржата ставена од трговците за период од шест месеци, дали таму е чепкано и врз основа на тој извештај од Инспекторатот, како Влада ќе преземеме соодветни мерки, истакна министерот.

Во однос на минималната плата, Дурмиши напомена дека Владата ја поддржува усогласената методологија усогласена и потпишана од двете страни, синдикатите и работодавачите.

– Ако синдикатите и работодавачите се усогласат за нова методологија или за некои нови услови, нови пресметка, ние сме тука да ги поддржиме, потенцира министерот.

Поврзани новости